Екс тренер на Вардар ги однесе Зеленортските Острови на СП!

Некогашниот стратег на Вардар и селектор на Србија, Љубомир Обрадовиќ, успеа да ги однесе Зеленортските Острови на Мундијалот во Полска и Шведска.

Неговата репрезентација триумфираше против селекцијата на Ангола со 24-23 во драматичен натпревар кој беше одлучен во финишот.

При резултат 23-23 на десетина секунди до крајот, Зеленортските Острови погодија за 24-23, но на спротивната страна Ангола се избори за пенал во последната секунда

Изведувачот на пеналот не почека да се огласи сирената па да шутира, и иако погоди судиите решија дека треба биде повторен пеналот.

Голманот Едмилсон Гонсалвес одбрани и победата остана за Зеленортските Острови. Со овој триумф, тие обезбедија место во полуфиналето на Африканското првенство, како и место на Мундијалот во Полска и Шведска, што ќе биде втор за нив по оној во Египет.