Екс ракометарка на Металург ќе им прави друштво на Саздовска и Штериова во Дунареа

Репрезентативката на Србија и екс ракометарка на Металург, Кристина Лишчевиќ, која во 2021 и 2022 година беше прогласена за најдобра странска ракометарка во романскиот шампионат, има нов клуб во својата кариера.

Искусниот среден бек останува во Романија, но во следната сезона ќе го носи дресот на Дунареа Браила. Во овој клуб настапува репрезентативката на Македонија, левото крило, Јована Саздовска, а во новата сезона ќе пристигне и левиот бек на македонската репрезентација, Марија Штериова. Раководството на Дунареа Браила преку клупската страна ја потврди соработката со поранешната ракометарка на Металург.

Лишчевиќ во редовите на Дунареа Браила ќе пристигне од Валчеа каде мина три сезони. Освен за Валчеа настапуваше и за екипите на Сомбор, Црвена Звезда, Есбјерг, Кубан Краснодар, Астраханочка, Мец, Вац, Кишварда и за тимот од Автокоманда. Најголемиот успех на репрезентативно ниво го постигна со репрезентацијата на Србија освојувајќи го сребрениот медал на Светското првенство (2013), на кој нејзината земја беше домаќин на најдобрите светски репрезентации.

Дунареа Браила во изминатата сезона заврши на 7. позиција во романскиот шампионат и не обезбеди место на европска сцена, но раководството на клубот за следната сезона има амбиции екипата да обезбеди пласман меѓу петте најдобри екипи во Романија.