Екс вардарецот со план: Ќе им пoмагам на младите ракометари да заминат во странство

Летонскиот голман кој беше дел од Вардар, Артурс Кугис брани во шведскиот тим Варберг и засега не планира да стави крај на неговата кариера. Според неговите зборови планира уште неколку години да биде активен на терените.

Сепак Летонецот има план после завршувањето на кариерата да се врати во својата земја и да работи со младинските категории, а не исклучува и настап за некој од домашните клубови.

„По крајот на мојата кариера дефинитивно сакам да се вратам во Летонија. Драго ми е што со семејството можеме да се снајдеме во било која држава, но во иднина ќе се вратиме дома. Исто така сакам да играм и во домашното првенство и да го освојам бидејќи се уште го немам тој трофеј. Имам желба да работам и во развој на летонскиот ракомет, сакам да работам со млади ракометари. Сакам да им помогнам на младите ракометари да заминат во странство и да играат во добри клубови. Засега, сакам да играм ракомет уште неколку години“, коментираше Кугис за летонските медиуми.

Кугис имаше краток претстој во Скопје иако имаше договор на две години, сепак повредите го спречија да ги покаже своите квалитети. Освен во Македонија, Летонецот има настапувано и во првенствата на Германија и Франција пред да замине во Шведска.