Минатата сезона беше меѓу ТОП стрелците во Женската лига, сега се сели во Вардар

Една од најдобрите стрелци во единствената женска конкуренција во Македонија, Нина Милевска, во следната сезона ќе го носи дресот на Вардар.

Левиот бек од Кузман Вардар во изминатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во Женската лига, постигна 125 погодоци на 20 одиграни натпревари и со својот голем потенцијал го привлече вниманието на неколку поквалитетни клубови.

Милевска реши да ја прифати понудата на „црвено-црните“ за поголем напредок во нејзината кариера и играње поквалитетни натпревари.

Новата членка во тимот на Александар Царчев од почетокот на нејзината кариера беше во Кузман Вардар, која е под водство на поранешната голманка Александра Кузмановска.

Од овој тим веќе неколку сезони најдобрите ракометарки стануваат мета на подобри тимови од скопската престолнина.

Вардар во следната натпреварувачка сезона 2023/24 повторно ќе настапува само на домашна сцена, нема да игра во Европа, иако обезбеди пласман во Европскиот Куп.

Раководството на Вардар одлучи финансиите за таа намена да ги ги пренасочи во формирање и развој на својот пионерски тим, но и за другите млади категории.