Европскиот шампион најде десен бек: Вардар се договори со Марко Вујин!

Европскиот ракометен шампион Вардар полека го завршува склопувањето на играчкиот мозаик за претстојната сезона. Најновото име во ростерот ќе биде искусниот десен бек Марко Вујин, кој последната сезона ја мина во португалскиот вицепрвак Спортинг Лисабон.

Овој 36 годишен поранешен српски репрезентативец, кој имаше здравствени проблеми пред една година, само формалности го делат од „црвено-црниот“ дрес во која треба да игра следната сезона. Вардар претходно ги ангажираше Томи Јагуриновски и Јосип Векиќ, но ниту едниот ниту другиот не се класични бек шутери. Сега екипата ќе има и класичен шутер од далечина како замена за проектилите на Криштопанс.

За екипата на Спортинг сезоната Вујин настапи само на седум меча и даде 22 гола во Лигата на шампионите, додека во португалскиот шампионат на 18 меча даде 35 голови. Некогашниот ас на Дунафер, Веспрем и Кил се уште не ја вратил старата добра форма, но на Вардар сигурно добро ќе му дојде играч од таков калибар. Не постои стар, туку само добар или лош играч.

Досега многупати се покажувало дека Вардар е место каде играчите може да блеснат. Претходно европскиот првак се засили со Кантегрел, Јагуриновски, Гаџа, Векиќ, Талески и Георгиевски, а останува уште да се донесе играч на средната бековска позиција и ростерот да биде комплетиран.

За таа позиција сега конкурираат Зарабец, Јотиќ и веројатно и Карачиќ. Најпосакуван од публиката е токму Карачиќ кој сигурно ќе има за размилсување по заминувањето на главниот клупски спонзор во Келце. Зарабец би бил исто така одлично решение, а последен, но не и најмалку посакуван е Јотиќ.

Вардар има загарантирано место во Лигата на шампионите и сега се чека потврда кои се екипи ќе играат, а потоа ќе следува и ждрепката за новата сезона.