Душебаев: Јас селектор на Словенија? Не, но знам кој е најдоброто решение

На нешто повеќе од еден месец до Европското првенство, репрезентацијата на Словенија е без селектор. Од федерацијата на Словенија најавија дека новиот предводник на нивната репрезентација ќе биде познат до средината на декември.

По прекинувањето на соработката со Веселин Вујовиќ во јавноста кружат голем број на имиња како негови наследници. Најмногу спомнувани пет имиња се Талант Душебаев, Урош Зорман, Бранко Тамше, Хуан Карлос Пастор и Алфред Гисласон. Словенечките медиуми ги контактирале тренерите од Келце во врска со нивниот ангажман во Словенија.

„Слушнав од медиумите за смената на Вујовиќ, не знаев што се случува. Слушам разни гласини, но тоа не е во мој домен. Како што кажувам постојано, желба на секој тренер е да биде селектор на репрезентација. Тоа би било голем предизвик за мене, па зошто да не. Му благодарам на Бога ако се случи тоа, но мора да разговараме за тоа многу сериозно со клубот“, изјави Зорман.

Можноста Талант Душебаев да ја преземе функцијата селектор на Словенија тој ја отфрла со препорака до ракометната федерација на Словенија за тоа кој е нивен најдобар избор во моментов.

„Од досегашното мое искуство заклучив дека е невозможно да се води и клуб и репрезентација во исто време. Да работам во Полска, а да бидам селектор на Словенија би било многу многу тешко за мене. Сите велат дека сум во контакт со федерацијата но тоа не е точно. Според мене Зорман е тој кој што би можел да ја преземе Словенија, тој е подготвен за тоа. Погледнете го Парондо или мене, колку успешно ја започнавме кариера веднаш по престанувањето од играње активно. Мораме да им веруваме на младите, Урош е вистински Словенец. Досега има акумулирано доволно искуство за да биде успешен тренер на репрезентацијата на Словенија и да има убава иднина“, коментираше Душебаев.