Душебаев откри: Имам многу понуди, но ќе останам во Келце!

Проблемите со кои се соочува полскиот шампион Келце беа повод голем број од европските клубови да се заинтересираат за Карачиќ, Душебаев, Вулф, Каралек, а исклучок не е ниту тренерот Талант Душебаев.

Тој за „Спортове Факти“ изјави дека е оптимист во поглед на иднината на Келце и очекува помош од љубителите на ракометот.

„Јас секогаш се борам до крајот, оптимист сум. Овој клуб даде многу не само за градот Келце, туку и за полскиот ракомет. Сега се надевам дека секој што го сака малку овој спорт во нашиот регион ќе му помогне на клубот“, вели Душебаев.

Шпанскиот стратег откри дека има понуди од други клубови, но дека сите до една ги одбил.

„Секогаш го одржувам зборот. Ќе останам во клубот и ќе се бориме заедно. Секако можеби ќе дојде ситуација да продадеме тројца или четворица ракометари, не сме земале плата неколку месеци и мора да се каже „стоп“. Но како и да е, засега немам сомнеж – останувам во Келце. Имам понуди од многу клубови, но сите ги одбивам. До крајот на годината тоа сигурно нема да се промени“, вели Душебаев.