Душебаев: Можеби ниту следната година нема да има ни ракомет, ни фудбал…

Тренерот на Келце, Талант Душебаев во интервју за полските медиуми истакна дека е подготвен да ги прифати сите услови кои ќе ги понуди клубот за полесно да се справи со кризата предизвикана од коронавирусот.

Според зборовите на легендарниот играч и тренер може да се забележи загриженоста за сериозноста на ситуацијата. Тој дури и смета дека е можно и да бидат прекинати натпреварите на подолг период.

„Ова е исклучително тежок момент. Но, во светот сега не постои ниту еден клуб што не е во тешка ситуација. Јас секогаш ќе го поддржувам нашиот клуб, затоа ги прифаќам сите услови што ќе бидат потребни. Ќе прифатам се што ќе ми понуди Келце. Никој не знае што ќе се случи за еден месец или два. Читав дека карантинот во САД може да трае до крајот на 2021 година. Никој не знае што ќе се случи следно. Секој ден добивам информации од пријатели или доктори од целиот свет, и дури не сакам да размислувам за тоа што може да се случи. Ништо не знаеме. Можеби следната година нема да има ракомет, ниту фудбал. Се обидувам да бидам оптимист, но сега сите треба да бидеме реални, никој не може да каже како ќе изгледа светот за еден месец“, рече Душебаев.

Ракометната федерација на Полска означи крај на првенството, Келце беше прогласен за шампион на земјата, а второто место припадна на главниот конкурент Висла Плоцк.