Душебаев за 24 Ракомет: Вардар може да изненади, пола сезона играше без пола тим

Ракометарот кој со Вардар во 2017 година дојде до титулата во Лигата на шампионите, а во јануари во 2018 година со Шпанија се искачи на тронот на Европското првенство во Хрватска, Алекс Душебаев и понатаму добро зборува македонски, иако веќе трета сезона настапува во редовите на Келце.

Тој и понатаму верува дека Вардар има квалитет за да изненади и е сигурен дека „црвено-црните“ ќе имаат што да покажат на натпреварите кои следуваат, но и на дуелите од елиминациите.

„Сигурен сум дека Вардар може да изненади. Вардар имаше многу повредени играчи како Кристопанс, Толедо… Атман не играше со 100 проценти од своите сили. Многу од ракометарите не играа на сите средби. Кога имаш вакви проблеми е тешко да се игра во Лигата на шампионите бидејќи во ова натпреварување секоја екипа може да се бори 50 минути, а во последните десет да се види која има подолга клупа и да издржи“, изјави Душебаев за 24 Ракомет.