Дупјачанец: Резултатот не е изненадување, не бевме доволно агресивни во одбрана

Голманот на Металург, Даниел Дупјачанец заедно со Милан Поповиќ имаа одлична вечер во Австрија, но нивната добра партија не беше доволна за да може Металург да дојде до нешто повеќе на гостувањето.

Дупјачанец успеа да одбрани 15 удари и имаше процент на успешност од 31. Поповиќ имаше 11 гола со 85% реализација така што двајцата се меѓу посветлите точки во овој пораз на металурзите.

„Честитки за тимот на Фиверс за победата. Знаевме дека ќе имаме потешкотии на овој натпревар. Фиверс одигра доста добро, модерен ракомет. Се подготвувавме за овој натпревар, но не одговоривме според договореното и примивме 45 гола. Не бевме агресивни во одбраната, не ја запревме транзицијата на противникот. Конечниот резултат не е изненадување“, изјави Дупјачанец.

Тој упати и неколку критики за играта на оваа средба на која немаше доволно агресивност и борбеност.

„Секој меч во оваа Лига на Европа е ново искуство за нашите млади имиња. Меѓутоа, мора да се игра максимално на секој меч. Без борба во напад, без агресивност во одбрана, ништо не сме постигнале. Пред нас претстои многу работа за да бидеме уште подобри“, рече Дупјачанец.

Неговото искуство е секако добредојдено бидејќи е лидер на овие момци, но дефинитивно ќе треба време за нивно созревање, а тоа не може да биде преку ноќ туку со вакви тешки натпревари против силни ривали.