Дувњак: Со епска борба до финале, ваков меч немам играно досега

Ракометарот кој понесе огромен товар во полуфиналето против Норвешка, Домагој Дувњак конечно успеа да изигра цел турнир без проблеми и утре ќе ги предводи во последната битка на овој турнир на која ќе се обиде да дојде до трофејот до кој не успеаја да стигнат Балиќ, Метличиќ, Џомба…

После вчерашната пресметка тој можеше со задоволство да го искаже впечатокот за сето она што се случуваше на теренот.

„Ова беше епска борба. Во животот немам одиграно ваков натпревар со 20 минути продолженија. Средбата можеше да отиде во еден сосема друг правец, но покажавме карактер. Не се предававме. Дури и кога паѓавме ние игравме. Сепак, ова беше полуфинале дуел, а во него треба да се заслужи и среќата“, изјави после средбата Дувњак.

Сите негови колеги му дадоа признание поради она што го направи на теренот. Сите му честитаа за издржливоста и за прикажаното бидејќи поголемиот дел од натпреварот го минал со проблеми.

„Имаше и грчеви и сè, но во тие моменти не размислував. Не се сеќавам што се случуваше во продолженијата. Се исклучив и гледав само која минута е и колку е резултатот. Загубивме во Франција пред неколку години од Норвешка и сега им вративме. Не е ова реванш туку спортот е таков. Еднаш победуваш, еднаш губиш“.

Со оглед на тоа што имаше играчи кои се правдаа дека промашиле во желба за подобар резултат, Дувњак се обиде да ги опрада сите.

„Не е важно кој промашил на натпреварот, а кој погодил. Ракометот е екипен спорт и до победата може да се дојде само ако сите учествуваат во нејзиното обезбедување“, рече Дувњак.

Хрватите имаат неколку повредени играчи, но сите се согласни во едно дека болките утре ќе ги остават во втор план и ќе дадат максимум на дуелот против Шпанија од 16:30 часот.