Драчево вторпат подобар од дебитантот

Ракометарите на Драчево на гостувањето кај Голден Арт 2 во рамки од 13. коло во Првата лига забележаа победа, со резултат 26:23.

За Драчево денешниот триумф беше осми во новата натпреварувачка сезона во прволигашката конкуренција, додека дебитантот го забележа четвртиот пораз, но и понатаму останува меѓу најдобрите екипи во групата Б. Првиот дуел меѓу двете екипи заврши со победа на Драчево од 35:33.

По израмнетиот почеток, во кој двете екипи наизменично се менуваа во водство, домаќините за момент ја презедоа контролата и од 5 минута, па сѐ до 20 минута константно беа во водство. Откако беше 3:3, Голден Арт 2 со серија од 4:0 поведе со 7:3. Сепак, пред полувремето гостинскиот тим се консолидира, се врати во игра и го презеде водството во свои раце.

Тимот на Филип Глигоров имаше 9:4, пропушти неколку напади да зголеми на шест гола разлика и му дозволи на гостинот на направи камбек и да се бори за бодовите. Голен Арт 2 речиси 10 минути беше без постигнат гол, па така Драчево со серија од 7:0 дојде до два позитива, 11:9. Домаќините успеаја да излезат од кризата и по големата борба во последните минути од првиот дел, резултатот на пауза беше нерешен, 12:12.

Голден Арт 2 во продолжението со погодоците на Глигоров и Стаменковиќ направи краток исчекор, се одлепи на 15:12, но гостинот повторно се врати во игра. Драчево во 40 минута водеше со 19:17 и со оглед на резултатската тензија беше јасно дека само нијанси ќе одлучат каков ќе биде епилогот од денешната средба во СЦ ,,Јане Сандански”. Драчево беше подобар во клучните моменти, на пет минути пред крајот имаше предност од 25:22, доволно за освојување на цел плен од денешното гостување.

Најефикасни во победничката екипа беа Ѓорѓи Дука со шест и Филип Дабевски со пет гола. Во составот на Голден Арт 2 се истакна Кристијан Стаменковиќ со шест реализации.