Прволигашкото дерби меѓу Алкалоид и Голден Арт заврши нерешено, 25-25, и двете екипи на крајот мораа да се задоволат со бод. Иако домаќините имаа плус три, 25-22, на две минути до крајот, сепак грешките во избрзаните напади беа кобни и Голден Арт казни во финишот за 25-25.
Гостинскиот голман Златко Даскалоски со неколку интервенции во серија одлично го отвори натпреварот. Сепак и на спротивната страна беше слично, па се играше гол за гол до 4-4. Потоа Голден Арт со серија од четири гола, 4-8, а кон средината на првиот дел и 7-11. Серафимов и на два пати Илиески ги казнија промашувањата на гостите и постигнаа погодоци за 10-11.
На спротивната страна, најискусниот Илиев зголеми на 10-12, а откако Алкалоид не реализираше пенал, повторно истиот ракометар стрелаше во домашниот гол за 10-13, резултат со кој се замина на пауза.
На стартот на второто полувреме пак Илиев даде гол за 10-14, во продолжение беше и 11-15, но Алкалоид се врати во мечот и намали на 15-16. За момент Голден Арт пак беше на плус три, 16-19, но се зголемија нивните грешки во напад, а домашните знаеја како да казнат.
Алкалоид не само што израмни на 19-19, туку погоди и пенал за 20-19 на петнаесетина минути до крајот, откако претходно голманот Ерманоски му одбрани зицер на Миланов. Матлиески повика тајм-аут, но неговите играчи повторно погрешија.
По грешките на двете страни, Тодески со еден проектил донесе за првпат плус два за Алкалоид, 21-19, а остануваше да се играат десетина минути. Голден Арт беше под пасивен напад, но Илиев погоди од безизлезна ситуација за 21-20.
Гостите останаа со двајца играчи помалку во еден момент, Алкалоид тоа го искористи да се одлепи на највисоки дотогаш 24-21 на четири минути до крајот. Голден Арт преку Илиев намали на 24-22, а по 25-22 следуваше вистинска драма. Домашните избрзаа во нападите, им подарија и топки во раце на гостите, а Голден Арт казни со брзи голови за 25-25. Стрелец на голот за реми беше Даев, а последниот напад на Алкалоид заврши со одбрана на Даскалоски.
Најдобри стрелци кај Голден Арт беа Ивица Илиев со 13 гола и Давид Даев со четири, додека одлична партија имаше и голманот Златко Даскалоски. Кај Алаклоид се истакнаа Игор Ѓорѓиев со шест и Божидар Илиески со четири гола. Следни предизвици за двете екипи ќе бидат двобоите во Купот на Македонија.
Матлиески: Среќата ги следи храбрите, Алкалоид беше фаворит само на хартија
Савевски: Не сум задоволен од ремито, исто како да загубивме добиен натпревар
Од минус три до реми за 100 секунди – погледнете го трилер финишот и камбекот на Голден Арт (ВИДЕО)
Ѓорѓиев: Пресуди нашето неискуство, на реваншот ќе видиме кој е подобар тим
Битка без победник: Дуел со багаж-историја и суперлигашка еуфорија (ФОТОГАЛЕРИЈА)