Драма во финишот: Кинтана донесе победа за Португалија против „рибарите“

Португалија ја забележа третата победа во квалификациите за ЕП 2022, откако вечерва во Матосињос славеше над Исланд со 26-24 во драматичен натпревар кој беше решен во последните две минути.

Првите ѕвезди на двете селекции – Жилберто Дуарте и Арон Палмарсон не настапија на овој дуел поради повреди, но тоа не го намали квалитетот.

Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол до 6-6, пред домашните ракометари да поведат со 8-6, а до крајот на првото полувреме стигнаа и до плус три, 14-11.

Португалија водеше со 20-18, но Елисон намали на минус еден, а потоа Магалаеш доби црвен картон и тоа беше инспирација за „рибарите“ да направат пресврт.

Поведоа со 20-21, но и кај гостите Арнасон доби црвен картон поради три исклучувања, па домаќинот со головите на Портела и Гомес се вратија на 22-21. До 23-23 се играше гол за гол.

Во последните три минути Португалија постигна три гола, а гостите само еден и си заминуваат со пораз пред реваншот во Рејкјавик за четири дена. Клучна фигура беше домашниот голман Алфредо Кинтана, кој одбрани два пати во последните минути кога се решаваше победникот.

Најдобри стрелци кај домашниот тим беа Портела со седум, како и Гомес, Фраде и Ареиа со по три голови, а кај Исланд се истакнаа Јонсон и Елисон со по шест погодоци.