Драма во Виена: Австрија едвај избегна пораз од Белорусија и оствари најдобар пласман на ЕП

Во последното коло од главната рунда во Виена репрезентациите на Австрија и Белорусија во директен дуел се бореа за четвртата позиција. Иако во поголемиот дел Белорусија беше во водство сепак дуелот заврши без победник 36:36.

Натпреварот започна многу ефикасно, до 15. минута екипите имаа наизменично водство. Белорусија направи серија од 4:0 и за прв пат една екипа имаше три гола предност во 18. минута. До крајот на полувремето Белорусите ја задржаа позитивата и по 30 минути имаа 19:17.

Ефикасната игра пододолжи и во вториот дел, Белорусија сигурно го чуваше своето водство кое беше постојано два до три гола. Во 52. минута беше 33:29 за Белорусија и се чинеше дека се пред победа против домаќинот.

Во завршните минути Австрија успеа да ја анулира негативата и да стигне до нерешено. Во последната минута Белорусите имаа напад при водство од 36:35 но не го реализираа и остана време за Австријците. Билик со одличен удар од девет метри погоди за израмнување.

Микита Ваилупау беше убедливо најефикасен во тимот на Белорусија со 12 погодоци, а Каралек постигна седум. Во екипата на Австрија Билик со седум гола беше најефикасен, додекак Фримел стрелаше шест пати.

Со овој бод, Австрија го потврди четвртото место во групата 1, а вкупно седмото место во генералниот пласман, што е најдобар резултат за оваа репрезентација во историјата на настапите на континенталните собири.