ДРАМА: Дукоски стрелаше за триумф на Јехона, Павлоски одбрани пенал за реми

Тимот на Јехона од Гостивар забележа драматична победа над Преспа со 25-24 во 4. коло од Првата лига. Јехона поведе на стартот со 7-2 и ништо не навестуваше дека ќе има неизвесна завршница на натпревар. До паузата Преспа намали еден гол од негативата, 13-9.

Во второто полувреме ресенци се вратија комплетно во игра и направија пресврт, 18-20, но не издржаа до крајот. Преспа водеше и со 20-22, Јехона израмни на 22-22, а потоа имаше две израмнувања на резултатот до 24-24.

Во последната минута Јехона преку Дукоски стрелаше за победа, 25-24, а Преспа имаше пенал за реми, но голманот Павлоски го одбрани ударот од седум метри. Тој беше меѓу најзаслужните за победа на гостиварскиот тим со 19 интервенции.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дукоски со девет и Тасески со седум голови, додека во тимот на Преспа се истакна Савевски со осум и Шиклевски со шест погодоци.