Драматичен финиш – Шампион ја однесе победата против Преспа

Тимот на Шампион ја запиша втората победа во новата сезона од Првата лига. Откако славеа над Кичево минатиот викенд, избраниците на Слободан Чивлачки, го победија и тимот на Преспа во драматичен финиш со 26-25.

Во првото полувреме најчесто се играше гол за гол, па на пауза се замина со реми, 12-12. Во вториот дел тимот од Ресен го диктираше темпото и имаше во неколку наврати плус три, кои се покажа дека не беа доволни.

По 19-22, Шампион израмни на 22-22, а по 24-24 во финишот, поведе со 26-24. Преспа успеа да намали на 26-25, имаше во последните секунди и напад за реми, постигна гол, но судиите Јашар и Капсарева сметаа дека беше постигнат по истекот на времето и мечот заврши со победа на Шампион.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Миланов со седум погодоци и Игнов со шест, додека во составот од Ресен се истакнаа Савевски со девет и Шиклевски со шест голови.