Дојде во Вардар како европски првак, сега ќе игра за Целје

Српскиот интернационалец Стефан Терзиќ, во новата сезона ќе има нов предизвик во кариерата.

27-годишниот десен бек што потекнува од составот на Борац Бања Лука, минатата сезона ја мина во израелскиот Рамат Хашарон, а сега потпиша договор на една сезона со словенечкиот Целје.

Терзиќ мина една сезона во Хамбург, со кој во 2012/13 ја освои титулата во Лигата на шампионите, пред да дојде во Вардар каде што не се изнаигра.

Ракометарот од Србија играше за Вардар од 2013 до 2015 година, а во тој период во дресот на „црвено-црните“ беше и Алем Тоскиќ така што добро е запознаен со квалитетите на играчот кој сега има 27 години.

Откако си замина од Вардар смени неколку екипи. Играше за Натурхаус Ла Риоха (Шпанија), Бенфика (Португалија), Потаиса Турда (Романија), Талент Плзен (Чешка) и Рамат Хашарон (Израел).

„Среќен сум што дојдов во Целје. Екипата е одлична, млада и амбициозна, а главна цел ќе ни биде враќањето на титулата во првенството на Словенија. Ќе дадеме сè себе за да успееме во намерите“, вели Терзиќ.

Кога беше дел од Вардар го сметаа за еден од најголемите таленти, но не успеа да го изнесе квалитетот на површина и не го потврди сето ова и на терен.