Домазетоска и Трпеска остануваат во Ѓорче Петров

Амбициозната екипа на Ѓорче Петров покрај низата засилувања за новата сезона реши да ги продолжи договорите и со ракометарките кои оставија добар впечаток од изминатата сезона.

Договорите со Ѓорче Петров ги продолжија и левиот бек, Вероника Домазетоска, како и пикерот, Анастасија Трпеска која има само 15 години.

Домазетоска одлучува да остане во Ѓорче Петров поради добрите услови за работа, новиот проект и посветеноста на тренерите.

„Одлучив да го продолжам договорот со Ѓорче Петров затоа што ми се допадна понудата и визијата на клубот. Верувам дека со одличните услови кoи ни ги нуди клубот и сериозноста и посветеноста на тренерите, можеме индивидуално и клупски да напредуваме. Нашите амбиции се висок пласман на табелата и излез на европска сцена“, изјави Домазетоска за 24 Ракомет.

Младата Трпеска за новата сезона очекува висок пласман на табелата.

„Иако имам 15 години тренирам со првата екипа, а тоа за мене претставува огромен успех и воедно и стекнување на потребното искуство. Во Ѓорче Петров решив да останам во оној момент кога ни ги презентираа амбициите на клубот за следната сезона. Со доаѓањето на Оливер Димитриоски и Милева Велкова како тренери со големо искуство зад себе, расте мојата желба за тренирање и напредок во ракометот. За следната сезона очекувам висок пласман на табелата и борба за самиот врв“, изјави Трпеска за 24 Ракомет.

Договороите со Ѓорче Петров ги продолжија и Ања Велкова, Ангела Цветановска, Ива Петровска и Ивана Антевска.