Дисингер: Мислев дека пречек како што лани имаше Вардар може да има само во фудбалот

Германецот Кристијан Дисингер потврди дека ќе остане и следната сезона во европскиот шампион Вардар.

Тој за германските медиуми откри дека со доаѓањето во Скопје направил одличен чекор во кариерата и уште во првата сезона во Вардар веќе освои европска титула.

Левиот бек бил многу изненаден од пречекот во македонската престолнина и дотогаш сметал дека такво нешто има само во фудбалот.

„Беше неверојатно. Секој спортист сонува за такво нешто. 30.000 луѓе не чекаа на аеродромот, беа таму седум или осум часа. Потоа со отворен автобус се движевме до центарот на градот. Вообичаено тоа трае од 15 до 20 минути, но нашето возење траеше два и пол часа затоа што насекаде имаше луѓе кои се радуваа со нас. Луѓе имаше на прозорците, по мостовите, околу автобусот. Не пречекаа околу 300.000 луѓе кои беа таму цел ден. Искрено, дотогаш мислев дека тоа го има само во фудбалот“, вели Дисингер.

Следната сезона ќе биде трета на германскиот лев бек во Вардар.