Дибиров: Од Мешков имав понуда што не се одбива, но чекав и не погрешив – Вардар пак има борбена екипа!

Еден од играчите со најдолг стаж во европскиот првак Вардар покрај капитенот Стојанче Стоилов е рускиот репрезентативец со македонски пасош, Тимур Дибиров.

За реномираниот рускиот портал „Брз Центар“, Дибиров откри дека решил да чека да се стабилизира ситуацијата во Вардар и не погрешил.

„Јас до последно чекав и се надевав, дека клубот ќе го сочуваат, дека ќе продолжи да живее и ќе биде во состојба да остварува одлични резултати. Чекав среќно решение за ситуацијата и ризикував, бидејќи периодот во кој не беше јасна судбината на Вардар беше долг. Не потпишував договор со ниеден друг клуб, чекав, верував и на крај радосен сум, што повторно се формираше борбена екипа и ќе продолжиме понатаму“, вели Дибиров.

Русинот имал две понуди за промена на средината – од белорускиот првак Мешков Брест и францускиот Монпелје.

„Веќе кажав дека имав понуда од Мешков Брест. Имам одлични односи со спортскиот директор Павел Башкин. Понудата беше одлична по сите параметри. Такви понуди обично не се одбиваат, но сепак многу сакав да останам во Вардар. Лани кон крајот на годината имав понуда од Монпелје, но тогаш беше рано да се почнат преговори, а јас бев посветен на подготовките за Европското првенство со Русија“, продолжи Дибиров.

Левото крило откри дека во 2013 пред преселбата во Вардар имал договор во раце со францускиот ПСЖ, но се решил за преселба во Скопје.

„Во животот секогаш сум се потпирал на чувствата, иако тоа не изгледа секогаш логично. Кога во 2013 година се решив да дојдам во Вардар, во рацете имав договор од ПСЖ, но се решив да преминам во Вардар. Изборот за многумина беше необјаснив, Вардар беше далеку од сегашниот тим, а во ПСЖ веќе играа големи ѕвезди како Хансен, Абало…Но, чувствував дека подобро ќе биде да го одберам Вардар и не погрешив. Добивав многу понуди и тоа од одлични клубови да си заминам. Но мене се во Скопје ми се допаѓа и среќен сум овде“, заврши Дибиров.