Дејвис: Во Вардар работев по цел ден – понекогаш не знаев каде ми е главата!

Некогашниот стратег на женскиот и на машкиот состав на Вардар, Давид Дејвис, сега е тренер во унгарскиот Веспрем. Во интервју за „Немзети Спорт“, Шпанецот говореше за искуството во Македонија, работата во двата „црвено-црни“ тима, титулата во 2017 година…

Дејвис одреден период работеше паралелно и со мажите и со жените, кога двата тима играа во Лигата на шампионите.

„Тоа беше ептен лудо време. Ги планирав тренинзите на женскиот тим, се подготвував за натпреварите и одев на состаноци. Некогаш работев цел ден и да бидам искрен не знаев каде ми е главата“, вели Дејвис.

Шпанецот се потсети на пречекот на вардарци по освојувањето на првата титула во 2017 година.

„Беше вторник наутро кога дојдовме од Келн во Скопје со чартер-лет. Добивме двокатен автобус на аеродромот, со отворен покрив. Ни требаа два часа да стигнеме до градот поради гужвата и навивачите што не чекаа. Им се гледаше на лицата дека беа среќни. Никогаш нема да ги заборавам тие моменти. Понекогаш си го гледам видеото што го направив и се потсетувам…“, открива Дејвис.

Тренерот на Веспрем се осврна и на актуелната ситуација во актуелниот европски првак.

„Кога нешто ќе изградиш, жално е кога гледаш дека се распаѓа. Сите сакавме Вардар да е на истото ниво и понатаму. Многу тимови кои се освојувачи на Лигата на шампионите исчезнаа поради финансиски проблеми“, заврши Дејвис.

Дејвис заедно со Веспрем во осминафиналето на Лигата на шампионите ќе игра со полската Висла Плоцк.