Деспина убедлива во пелагонискиот дуел против Пелистер

Екипата на Деспина славеше убедливо против Пелистер со 32:19 во пелагонискиот дуел во рамките на 16.коло од Женската лига. Со победата над Пелистер, Деспина ги задржа шансите за пласман меѓу најдобрите четири екипи на табелата.

Составот на Пелистер одигра солидно прво полувреме, беше и во водство до 20.минута, а потоа нивната игра до крајот на натпреварот беше непрепознатлива со многу грешки и промашени удари. Составот на Деспина успеа на полувреме да замине со предност од 14:12.

Веќе во вториот дел ракометарките на Деспина немаа никаков отпор и лесно доаѓаа до голови. Разликата се зголемуваше на семафорот и тренерот на домашната екипа ја искористи ситуацијата да им даде шанса и на помладите ракометарки да стекнат свое исксутво.

Најефикасна во составот на Деспина беше Тамара Седлоска со седум гола. Во составот на Пелистер најефикасни беа Анастасија Белевска и Марија Јанкуловска со по седум гола. Во следното коло Деспина гостува во Скопје кај Чаир, а екипата на Пелистер на свој терен ќе го пречека еден од фаворитите за шампионската титула, Вардар.