Деспина влегува посилна во новата сезона – се вратија Цветкоска, Рипилоска, Димитрова…

Претставникот на Прилеп во Женската лига, екипата на Деспина, која пред една недела започна со подготовките, успеа да склопи добар тим за новата сезона.

Со спој на младост и искуство, прилепската екипа ќе се обиде да оствари подобар резултат од минатата сезона и евентуално да дојде до место во плеј-оф фазата.

Деспина во новата сезона ќе биде посилна со неколку повратнички. Освен искусната Мери Гичева, која имаше ангажман на Косово, камбек во редовите на Деспина направија уште Сања Цветкоска, ракометарка која минатата сезона настапуваше за грчки Артас, потоа Елена Рипилоска и Лиле Димитрова, кои се вратија од Гевгелија, како и Ангела Камческа, која требаше да настапува за Пелистер.

Се очекува Гичева со своите големо искуство повторно да има значаен придонес во Деспина. 39-годишната ракометарка ќе биде и тренер на младинските категории во клубот. Тренер на сениорскиот тим останува Страшо Илиески.

Раководството на Деспина во своите редови ги задржа кадетските репрезентативки Андреа Конеска, Магдалена Ѓорѓиоска, Маја Ристеска и Симона Спиркоска. Во клубот остануваат и првотимките Мери Спиркоска, Весна Христоска, Михаела Стојкоска и Ивона Ристевска.

Допрва треба да биде потврден бројот на екипите што ќе играат во Женската лига и системот на натпреварување за претстојната сезона.