Дербито се игра в четврток – може ли Еурофарм Пелистер до прв триумф над Вардар

Големото дерби на македонскиот ракомет, меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се игра в четврток.

Битолчани триумфираа два пати над скопскиот тим во рамки на подготовките, но вардарци победија на двата официјални меча досега во сезоната – еден во Суперлигата и еден во Купот на Македонија.

На ред е петтата средба, односно трета официјална. Во Битола во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток од 18:00 часот, Еурофарм Пелистер ќе се обиде да стигне до првиот триумф.

Ако сметаме дека двата ривали ќе ги добијат преостанатите четири меча до крајот против другите екипи, тогаш нивниот меѓусебен двомеч ќе го реши шампионот. По првиот дуел вардарци имаат плус осум, 35-27.

Дали битолчани се подготовени за прва победа над двократниот европски првак, ќе видиме в четврток од 18:00 часот.