Девојки, дуелот против Грција не решава ништо, но играјте како да е финале на Светско

Знаете ли како се станува шампион? Веројатно оваа реплика сте ја слушнале или прочитале многупати. Меѓутоа денеска одговорот е малку поинаков. „Така што ќе излезете на терен и ќе ја победите Грција!“

Поминаа веќе 14 години од последниот настап на Македонија на еден Мундијал во женска сениорска конкуренција. Поминаа девет години од последното големо натпреварување на кое настапиле девојките бидејќи откако играа на ЕП во 2012 година заглавија во квалификации, баражи, понекогаш и во претквалификации…

Патот по кој девојките кои сега го носат дресот во сениорскиот национален тим се движеа во последните неколку години беше трнлив. Селекцијата која порано беше во прв план остана некако во сенка на машката која стана редовна на големите натпреварувања, па беше тешко да се изборат за место во елитата. Секогаш тука близу, но постојано некако далеку од настап. Кога и да дојдеа до бараж редовно ќе се најдеше некоја Шведска, Словенија… имаше натпревари кога Исланд во Скопје победуваше со десет разлика (2014 година).

Кога ретко кој веруваше во новите девојки, селекторот Симе Симовски тргна со нив буквално од нула. Тргнаа во декември во 2016 година од Торшавн на Фарските острови. И тогаш во клучниот натпревар го решија Исланд со седум разлика и тргнаа по враќањето на големата сцена. За овие пет години девојките созреаја. Тогаш новите девојки сега се носителки на играта предводени од искусната Елена Георгиевска која веќе 16-17 години е дел од сениорскиот состав.

Во изминатите денови ракометарките покажаа дека можат да и донесат нови радости на Македонија и да потсетат на деновите кога влегуваа во битка со најголемите и на шампионатите беа во Топ 10. Можеби делува премногу оптимистички сето ова, но оваа селекција има свој идентитет. Оваа селекција покажува дека има и свој карактер кој ќе треба само да се надоградува во следниот период и во декември во 2022 година да избие на површина на домашна сцена на Европското првенство.

Македонија денеска игра против Грција за круна на овие квалификации. Дел од овие девојки пред четири години на ЕХФ шампионатот за кадетки во СРЦ „Кале“ останаа покуси за надигрување бидејќи само што почна натпреварот ракометарките на јужниот сосед го напуштија теренот. Нормално причината не беше ништо друго освен чиста политика. Имаше мали провокации и пред почетокот на овие квалификации, но поради името на преносите на Youtube каналот.

Минатото е богато. Провокациите се многу. Ги имало речиси на секое натпреварување кога имало „судир“ меѓу двете репрезентации. Секогаш нешто не му одговарало на противникот. Најчесто тоа било името испечатено на тренерките, дресовите, шорцевите или… На сето тоа има само еден одговор. Спортскиот одговор, долу на терен. Седум на седум во поле или 16 на 16 во записник. Се покажува во битка за секоја топка и надигрување во секој момент од играта.

Денеска кога во 17 часот судиите ќе означат почеток на натпреварот веќе нема да биде важно која ќе даде најмногу голови. Не е важно која ќе собере најмногу одбрани или ќе има најмногу асистенции. Денеска е важно после истекот на 60 минути на семафорот покрај името на Македонија да има повеќе голови од бројот на погодоците кај Грција. Доколку имате можност да имате десет гола повеќе направете го тоа без размислување и штедење на силите. Ако можете и 15 тоа ќе биде доказ за огромна спортска доминација и победа за Македонија.

Девојки, денеска излезете на терен како да се работи за финале на Светско првенство, а не за натпревар во кој можете да освоите само два бода за да имате максимални три победи во Групата 2. Пласманот во баражот го обезбедивте. Пласманот на првото место во Групата 2 исто така веќе ви е потврден. Меѓутоа една работа недостасува, а тоа е победа против репрезентацијата на Грција. Покажавте дека можете против Исланд и против Литванија, сигурно можете и против Грција.

Денеска излезете на теренот во „Борис Трајковски“ и во мислите имајте ги сите оние низ чии вени тече македонска крв. Денеска играјте за нив. Денеска излезете и играјте за себе и за сите кои веруваат во вас. Победивте и вчера и завчера, сигурно сте првопласирани, но овој натпревар има една сосема поинаква димензија.

Девојки! Знаете ли како се станува шампион? Веројатно оваа реплика сте ја слушнале или прочитале многупати. Меѓутоа денеска одговорот е малку поинаков. „Така што ќе одиграте со цело срце како што заедно ја пеете химната и ќе го израдувате овој народ гладен за успеси и жеден за големи победи. Така што ќе излезете на теренот и ќе ја победите Грција!“