„Дебитантот има подолга клупа, но во Струга за никој нема лесна победа“

Ракометарите на Струга во натпревар од 12. коло од Суперлигата на свој терен ќе го пречекаат Алкалоид.

Стружани во првата пресметка против тимот на Кире Лазаров беа убедливо поразени со 36:29.

Левиот бек на Струга, Никола Цветаноски, кој ја предводеше својата екипа до победа во претходното коло против Прилеп, очекува со неговите соиграчи да одиграат квалитетен натпревар и да го дадат максимумот против скопскиот тим.

,,Не очекува тежок натпревар, противникот е квалитетен и ќе дадеме сѐ од себе на овој дуел. Радува добрата форма, која ја имаме на последниве натпревари. Иако екипата на Алкалоид е млада, докажа дека може да е многу сериозен противник, има квалитетни играчи на секоја позиција и мојата екипа за да направи добар резултат треба да одигра храбро и одговорно. Во Скопје не одигравме како што треба, но овој момент е сосема различен, екипата влезе во добра форма и секако очекуваме да одиграме квалитетен натпревар. За победа над Алкалоид треба цела екипа да одигра квалитетно, без многу грешки во нападот и одбраната во секој случај да е на високо ниво. Ние ќе имаме голема мотивација, бидејќи ќе играме пред своите навивачи, а Алкалоид е во голема предност со своите ротации и долгата клупа со квалитет”, изјави Цветаноски.

Младиот голман во тимот на Жарко Ферукоски, Дамјан Тутенкоски е оптимист за утрешниот дуел против Алкалоид.

„Очекувам борба до последната минута и се надевам дека со моите соиграчи ќе оствариме победа. Мислам дека може да му се парира на Алкалоид, особено на домашен терен и во Струга за никого нема лесна победа. Иако во првиот дуел бевме убедливо поразени, сепак, нашиот тим може многу повеќе да покаже од тоа што го одигра во Скопје, каде настапивме некомплетни. Треба да се одигра концентрирано во целиот натпревар и со помош на навивачите да дојдеме до поволен резултат”, изјави Тутенкоски.

Струга до крајот од регуларниот дел на сезоната ќе одигра уште два натпревари, против Охрид и Вардар. Тимот на Жарко Ферукоски теоретски останува во игра за пласман во плеј-оф фазата.

Натпреварот меѓу Струга и Алкалоид ќе се одигра на 26 ноември (сабота), со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Нико Нестор“. Судиската правда на овој дуел ќе ја делат Исмаил Металари и Ненад Николовски.

„Знаеме кој е Алкалоид, но ќе се бориме до последната секунда“