Двомечот меѓу Македонија и Данска е корона „жариште“ – четврти ракометар доби позитивен тест!

По Ханс Линдберг, Ласе Мелер и Филип Миркуловски, уште ракометар што беше дел од двомечот меѓу Македонија и Данска денеска доби позитивен тест на коронавирус. Станува збор за Јакоб Холм, левиот бек на бундеслигашот Фуксе Берлин, кој објави на социјалните мрежи за позитивниот тест на нивниот ракометар.

Претходно данската федерација ги потврди случаите на Линдберг и Мелер, а Вецлар објави и за позитивниот резултат на Филип Миркуловски.

Дел од данските ракометари се веќе во изолација. Браќа Ландин нема да играат за Кил против Кобург, иако имаа негативни тестови. Соиграчите на Мелер од Фленсбург, Халд и Менса Ларсен исто така се во изолација и не смеат да излегуваат од дома, додека Хенрик Молгард кој имал најблизок контакт со Линдберг, исто така ќе биде во изолација.

Другите дански репрезентативци ги продолжуваат активностите со своите клубови.

Од македонските репрезентативци поголем дел веќе го прележаа коронавирусот, но прашање на време е кога ќе се појави уште некој позитивен случај од играчите што настапија на двомечот меѓу Македонија и Данска.