Двометрашот Степанчиќ се враќа во хрватската репрезентација

Новиот селектор на Хрватска, Горан Перковац, кој ја наследи селекторската функција на „коцкестите” откако Хрвоје Хорват беше разрешен од истата, уште на своето претставување како нов предводник посочи дека некои играчи се запоставени од репрезентацијата.

Според пишувањата на хрватскиот портал „Danas.hr“, новиот стратег на Хрватска во репрезентацијата сака да ги врати Лука Степанчиќ, Марин Шего, Мануел Штрлек….

Перковац веќе разговарал со искусниот голман Марин Шего, кој ја прифатил неговата покана за повторно да го облече националниот дрес. Искусниот хрватски голман иако има 38 години, сепак, со своето искуство може да биде од голема помош за хрватската репрезентација.

Покрај голманот Шего, пред камбек во репрезентацијата е и десниот бек и актуелен член на ПИК Сегед, Лука Степанчиќ. Екс ракометарот на ПСЖ поради тешка повреда паузираше речиси две сезони, а неодамна се врати на ракометните терени.

Како што пренесува споменатиот медиум, Перковац разговарал и со Мануел Штрлек. Левото крило во текот на 2020 година, кога репрезентацијата на Хрватска беше предводена од тогашниот селектор Лино Червар, изјави дека не сака повеќе да го носи националниот дрес.