Две екс вардарки во репрезентативна пензија

По завршувањето на Олимписките игри, две поранешни ракометарки на Вардар ја најавија репрезентативната пензија.

Актерките во финалниот меч меѓу Франција и Русија, голманката Амандин Лејно и левото крило Полина Кузнецова, повеќе нема да настапуваат за националните тимови.

„Секој сонува ваков крај. Прекрасно е да се знае дека се кажува збогум како актуелен олимписки првак. Сакам да плачам, да се смеам, во шок сум…многу работи ми минуваат низ главата, но нема да ја менувам одлуката, ова дефинитивно е крај на мојата репрезентативна кариера“, изјави Лејно.

Таа пет години беше дел од тимот на Вардар, додека Кузнецова мина една сезона во Скопје пред распадот на ѕвездениот тим.

„Финалето против Франција беше последен натпревар за националниот тим. Планирам да ја завршам репрезентативната кариера“, изјави Кузнецова.

Во финалето на ОИ, Франција ја совлада Русија со 30-25.