Двајца поранешни ракометари на Металург во ист ден најдоа нови клубови

Двајца поранешни ракометари на Металург во ист ден пронајдоа нови клубови во кои ќе ги продолжат кариерите. Станува збор за хрватските интернационалци Марко Матиќ и Никола Кеџо.

Левиот бек Матиќ, кој го носеше дресот на Металург во сезоната 2015/2016, во новата сезона ќе биде дел од швајцарскиот тим Цирих. Потекнува од Извиѓач, две години играше за Загреб, пред да замине во Пост Шверин. По заминувањето од Македонија, една година мина во Порто, па во Гумерсбах, а минатите две сезони играше за израелскиот Макаби Ришон Ле Зион.

Десниот бек Кеџо, кој го носеше дресот на Металург во сезоната 2013/2014, од септември ќе настапува за Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати. Хрватот како голем талент своевремено од Каштела, замина во Сиудад Реал, а по неуспешната епизода кај Талант Душебаев, играше за Алкобендас и Теукро.

Потоа замина во германскиот Дизелдорф, па Нексе Нашице, унгарскиот Чурго, романската Констанца, кратка епизода имаше во катарскиот Спорт Клуб, швајцарскот Берн Мури, норвешкиот Арендал, италијанскиот Албатро, па Стеауа Букурешт во која се задржа две сезони, додека послендата сезона ја мина во полскиот Азори Тарнов.