Дајана Јовановска за 24 Ракомет: Сакаме пласман, и против Романија мора да одиграме со срце за Македонија

Женската сениорска селекција на Македонија денеска го доби противникот во бараж натпреварот за пласман на Светското првенство во Шпанија, а ривалот е составот на Романија.

Репрезентативката на Македонија, Дајана Јовановска настапуваше во романскиот шампионат, каде беше членка на Данубиус Галаци. Играта на Романките добро ја познава и знае каде се опасни. Се надева дека со добри подготовки и искористување на нивните слаби страни може да се дојде до успех и пласман меѓу најдобрите репрезентации од Светот во Шпанија.

„Можам да кажам дека се работи за една квалитетна и искусна репрезентација, со многу настапи на големите натпреварувања. Романската лига е една од најдобрите лиги во Европа и сите репрезентативки на Романија настапуваат во домашниот шампионат, со исклучок на нивната голманка, Думанска. Тие се најдобри на бековската позиција и играта со пивот, имаат ротации на сите позиции. Секоја екипа има свои слабости, а нивниот состав е спој помеѓу постари и помлади генерации. Мислам дека можеме да се носиме со нивната игра ако добро се подготвиме и ги искористиме нивните слаби страни. Сепак, ние немаме што да загубиме, сакаме пласман и мора да одиграме 100% и со срце за Македонија”, вели Јовановска за 24 Ракомет.

Македонија во квалификациите за обезбедување бараж место стигна до три победи и заврши како првопласирана репрезентација во својата група. Натпреварите беа успешна генералка пред бараж натпреварот против Романија. Јовановска е задоволна од прикажаната игра и како главна причина за падот на играта во делови од натпреварите го посочува густиот распоред.

„Задоволна сум од квалификацискиот турнир во Скопје, ги добивме трите натпревари како што беше очекувано. Сепак е тешко да се играат 3 натпревари за 3 дена, затоа имавме и падови во играта“, заврши Јовановска.

Натпреварите ќе се играат на 16 или 17 април во Романија, додека реваншот е на 20 или 21 април во Македонија.