Данска се откажува од организација, ЕП ќе се игра во друга земја?!

Остануваат околу три месеци до почетокот на Европското првенство за жени во Данска и Норвешка кое доколку е сè според планот би трабало да се одржи од 3 до 20 декември.

Сепак, во изминативе неколку недели се поголема е неизвесноста дали ќе се одржи првенството заради несигурноста и предизвиците кои ги носи пандемијата на коронавирусот.

Данската ракометна федерација наскоро ќе донесе конечна одлука дали првенството ќе се игра во нивната земја. Тие сакаат што побргу да ја донесат конечната одлука, а најдоцна до понеделник кога ќе биде одлучувачкиот состанок со ко-организаторот Норвешка.

„Мора да разјасниме што ние би требало да правиме, а што не. Мораме да одлучиме дали ќе го организираме првенството. Каква што е ситуацијата сега, во декември нема да има Европско првенство во Данска. Нашиот буџет нема да го издржи тоа“, коментираше претседателот на данската федерација, Пер Бретелсен за sport.tv2.dk.

Финансиските трошоци за организација на првенството вообичаено се покриваат од влезниците за натпреварите. Но заради ограничувањата на властите во Данска салите воопшто не би можеле да бидат исполнети со гледачи. Моменталното ограничување е 500 гледачи по натрпевар, а данската федерација нема доволно средства за покривање на милионските средства за организација на првенството.

„Секако дека сум загрижен, корона кризата нè  чинеше многу. Доколку би морале да одвоиме пари за да се одржи првенство без гледачи, нема смисла да го организираме“, коментираше Бретелсен.

ЕХФ им додели вонредна помош на организаторите Данска и Норвешка во износ од околу 700 илјади евра, но тоа во никој случај не може да ја надомести штетата од одржување на првенството со минимален број гледачи. Данската федерација се надева на помош од владата која би овозможила поголем број гледачи во салите.  Според најавите од ЕХФ, Европското првенство би требало да се одржи според планираното. Не постои сецнарио кое предвидува откажување на првенството.

Ова е трет пат Данска и Норвешка да бидат домаќини на завршница на едно големо натпреварување. Последен пат тоа беше во Европското првенство во 2010 година, кога двете земји домаќини стигнаа до полуфиналето, а Норвешка го освои златниот медал.