Данска подготвена сама да го организира ЕП за жени во декември

Првото големо репрезентативно натпреварување кое ќе се игра во време на коронавирусот е Европското првенство за жени во Данска и Норвешка, но организаторите се соочуваат со проблеми.

Поради строгите протоколи во Норвешка можно е натпреварите да не се играат во оваа земја, но затоа Данците се подготвени сами да го организираат првенството. Првиот човек на данската федерација изрази подготвеност за организација на ЕП 2020.

„Ние можеме сами да го организираме Европското првенство, иако ќе имаме многу логистички проблеми. Верувам дека со нашето искуство можеме да се справиме со нив. Засега Норвешка сè уште е еден од организаторите на турнирот, да видиме како ќе се одвива ситуацијата. Доколку Норвешка или ЕХФ побараат од нас, тогаш се разбира, ќе ја преземеме организацијата на ЕП. Сигурен сум дека ЕХФ наскоро ќе најде решение, знам дека и тие работат на тоа“, рече Пер Бертелсен за sport.tv2.dk.

Норвешката ракометна федерација се обидува да добие дозвола за промена на важечките рестрикции и правила за првенството. Оваа можност ја разгледуваат државните и здравствените власти на Норвешка. Доколку се откажат од организацијата, Данска ќе биде единствена земја домаќин на ЕП кое ќе се игра од 3 до 20 декември.