Данска доминира во Златната лига, Јакобсен го наполни голот на Франција

Репрезентацијата на Данска иако настапува со комбиниран состав во Златната лига без проблеми jа забележа втората победа. После победата над Норвшка, Данска ја совлада и Франција со 31:26.

Особено добро и ефикасно издание Данците имаа во првото полувреме кога обезбедија одлична позитива пред продолжението. После 30 минути игра Данска имаше водство од 19:13.

Незапирлив беше Емил Јакобсен кој во првото поливреме постигна девет гола и беше најзаслужен за предноста на својата репрезентација. Во вториот дел сите обиди на Франција беа неуспешни да се врати во мечот, па Данска без проблеми стигна до победата.

Натпреварот го одбележаа многу исклучувања на двете страни, а судиите покажаа и два црвени картони. Мечот заврши порано за Рене Антонсен кој беше исклучен во првиот дел, додека Тео Монар беше исклучен во вториот дел.

Најефикасен на натпреварот беше Емил Јакобсен од репрезентацијата на Данска кој постигна десет гола, а одлично одигра младиот талентиран Данец, Арон Менсинг. Данска во недела ќе игра со Холандија, а Франција ќе се сретне со Норвешка.

Во вториот натпревар од денешната програма, Норвешка според очекувањата лесно се справи со Холандија и славеше убедливо со 40:29.