„Еурофарм Пелистер би бил во врвот ако игра во данското првенство“

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер денеска го игра вториот натпревар од Лигата на шампионите против данскиот Алборг.

Во составот на пелистерци играат двајца дански интернационалци, Каспер Кисум и Андреас Нилсен. Вториот дојде ова лето и се обиде да и го претстави македонскиот клуб на данската јавност.

„Мило ми е што заминав од комфор зоната во Копенхаген и Данска и преминав во Еурофарм Пелистер. Играв две добри сезони во Морс пред да дојдам во Битола. Таму е тотално различна култура и на терен и надвор од него. Секој мора да се бори за себе и за својата шанса. Повеќе се става фокусот на физичката подготвеност за разлика од Скандинавија. Тука е исто и јазичната бариера. Имаме ракометари од десет различни националности и освен четворица од нас – јас, Кисум, Сери и Гедбан, сите други зборуваат балкански јазици и сите се разбираат меѓу себе иако се од различни држави. Само ние четворица комуницираме на англиски со играчите и тренерите. Далеку сум од семејството и пријателите, но среќен сум што го имам Кисум и заедно сме овде за да си помагаме“, вели Нилсен.

Тој смета дека Еурофарм Пелистер би бил во врвот во данскиот шампионат.

„Ако Еурофарм Пелистер игра во данското првенство сигурно би бил во врвот, меѓу најдобрите четири екипи“, заврши Нилсен.

Мечот меѓу Алборг и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во „Шпаркасен Арена“ со почеток во 20:45 часот.