Дали Марко Вујин му е потребен на Вардар?

Европскиот шампион Вардар полека го склопува играчкиот мозаик за претстојната сезона. „Црвено-црниот“ тим е безбеден на внатрешните позиции, на голманската, како и на левата бековска, а останува да се пополнат двете најдефицитарни позиции – среден и десен бек.

На среден бек Вардар ги има Марко Мишевски, кој нема да добива шанса во напад, како и младиот Стефан Крстевски, а неизвесно е останувањето на Мартин Карапалевски. Сепак на европскиот првак му треба уште еден организатор на играта, a уште повеќе десен бек, кој ќе биде замена за Даинис Кристопанс, со оглед на тоа што Јагуриновски не е планиран за стартер на таа позиција.

Како потенцијални кандидати беа Анхел Ернандез од Порто, Гашпер Храстник од Загреб, а последно име на долгата листа е Марко Вујин. 36-годишниот поранешен српски репрезентативец последната сезона ја мина во португалскиот Спортинг Лисабон.

Но дали Вујин му е потребен на Вардар? Да, потребен му е за да се врати имиџот на македонскиот тим во Европа, кој е нарушен со сите изјави и интервјуа што некогашните вардарци ги даваат низ медиумите за лошата ситуација што беше актуелна во Скопје. Потребен му е, за и во иднина да привлече други квалитетни ракометари да дојдат во Вардар, но и за да испрати порака до конкурентите дека повторно ќе биде способен за високи дострели.

Од друга страна, Вујин не му е потребен на Вардар. Нејасно е колку може да скапоплатениот десен бек да даде на теренот по големите здравстени проблеми што ги имаше лани. Тој не одигра силен натпревар година и половина, а за Спортинг настапи само на седум меча и даде 22 гола во Лигата на шампионите, додека во португалскиот шампионат на 18 меча даде 35 голови од 72 голови, што е реализација под 50 проценти и премалку за играч од негов калибар.

Некогашниот член на Синтелон, Дунафер, Веспрем и Кил, според информациите што кружат низ ракометните кулоари веќе ги имал првите контакти со Вардар, но дали ќе биде постигнат договор останува да видиме.