Грчевски: Плеј-офот веќе го обезбедивме, напролет ќе се бориме за Европа

Екипата на Бутел Скопје после 14 кола се наоѓа на 3. позиција на табелата во Супер машката лига и пролетниот дел ќе го дочека со веќе обезбедено место во плеј-офот. Ова значи дека ќе може мирно да се одработи за време на паузата и вториот дел да се дочека со уште подобра подготвеност.

„Задоволен сум од она што го сработивме и од она што успеавме да го постигнеме во есенскиот дел од сезоната. Момците покажаа карактер и успеаја да го одиграат овој дел од сезоната според очекуваното и беа на висина од задачата. Имавме можеби мали проблеми со повреди, но тимската игра не дозволи тоа да биде хендикеп за нас. Успеавме да обезбедиме плеј-оф уште сега и здравје напролет ќе се подготвуваме за завршницата и ќе се обидеме да избориме место кое ќе не одведе во европските купови“, вели за 24 Ракомет тренерот на Бутел Скопје, Кристијан Грчевски.

Во неговата деби сезона како прв тренер на сениорски состав имаше можност да игра со тимот и во Купот на ЕХФ.

„Според мене за деби настап во европските купови имавме и добро претставување. Можеби со малку среќа ќе успеевме да се пласираме во следната фаза, но голот којшто го примивме во последната секунда против ЗТР Запорожје не ни дозволи да се пласираме понатаму“.

Вториот дел од сезоната ќе биде дочекан со засилен состав што значи дека Бутел Скопје ќе се обиде да биде уште поконкурентен.

„Мислам дека во пролетниот дел ќе пробаме да се засилиме и да имаме поголем ростер на ракометари кои секако ќе ни бидат потребни за што подобар пласман. Сега играчите одат на заслужен одмор и се надевам дека некаде на средина од јануари ќе почнеме со зимските подготовки“, изјави Грчевски за 24 Ракомет.

Конкуренцијата ќе биде доста силна за во плеј-офот така што во пролетниот дел сите екипи ги очекува навистина возбудливо продолжение на сезоната.