Грузија пропушти шанса за мундијалски бараж, Грците се радуваа против Турција

Репрезентациите на Финска и Естонија обезбедија место во првиот бараж за Светското првенство во 2023 година откако ги освоија првите две места на квалификацискиот турнир кој се играше во Финска.

Естонија во директен дуел со Грузија беше поуспешна и триумфираше со 31:27 со што си обезбеди бараж. После првото полувреме Грузијците имаа предност од 15:16, но не издржаа до крај. Играчите на Прилеп во репрезентацијта на Грузија имаа солиден настап, Хазеин Рустамов постигна четири гола, а Реваз Чантурија погоди три пати.

Финска со триумфот над Велика Британија од 38:22 го потврди првото место на турнирот. Финците доминираа во текот на целиот меч, уште на полувреме водеа 16:10 и запишаа сигурна победа. Гранлунд, Сирјала и Линдберг со по шест гола беа најефикасни во составот на Финска.

Во квалификациската група 1 Грција ја оствари втората победа откако на домашен терен триумфираше 24:20. После првиот дел Грците имаа минимална предност од 10:9, а во продолжението рано направија четири гола предност кои ги сочуваа до крај.

Репрезентациите на Косово и Белгија одиграа без победник 28:28 и двете репрезентации го освија првиот бод. Косово после првиот дел имаше предност од 14:12, во второто полувреме се играше максимално израмнето и така финишираше натпреварот.

Групата 1 каде што се Грција, Косово, Белгија и Турција, се игра дома-гости секој со секого и преостанатите четири кола ќе се доиграат во јануари 2022 година, додека уште двете групи ќе се играат турнирски исто така во јануари следната година, по што ќе бидат познати сите патници во првиот бараж.