Градеа дел од кариерата во Македонија – а сега се дел од „Куќата на славните“!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) по повод 30-годишнината од своето постоење, денес на свечена манифестација ја отвори „Куќата на славните“ во која место доби и легендата на македонскиот ракомет Кирил Лазаров.

Друштво на Лазаров му прават уште 29 врвни имиња кои во последните 30 години оставија голем траг во светскиот ракомет како Талант Душебаев, Ивано Балиќ, Стефан Ловгрен, Филип Јиха, Штефан Кречмар…

Меѓу избраните во „Куќата на славните“ место имаше за неколку играчи кои во својата кариера настапуваа во Македонија.

Тоа се голманот Арпат Штербик, кој во сезона 2016/17 со Вардар дојде до злато во Лигата на шампионите, потоа екс репрезентативката на Германија и една од легендите на ЖРК Вардар, Ања Алтхаус, Бегоња Фернандез, која исто така го носеше „црвено-црниот“ дрес и двете екс членки на Кометал ЃП, Едуарда Аморим Талеска и Нарциса Лекушану.

Во „Куќата на славните“ место доби и сопругата на Тимир Дибиров, Ирина Дибирова. Прославената репрезентативка на Русија во сезона 2016/17 го предводеше женскиот тим на Вардар.

Македонската легенда Кире Лазаров во „Куќата на славните“ на ЕХФ!