Го симна Веспрем од тронот, па си доби нов договор

Унгарскиот шампион ПИК Сегед реши да го продолжи договорот со шпанскиот тренер Хуан Карлос Пастор на уште две сезони. Договорот сега ќе има важност до 30 јуни, 2023 година. Веста и официјално беше соопштена на официјалната страна на клубот.

Од раководството на ПИК Сегед се задоволни од постигнатите резултати на клубот, а тоа беше и причината за продолжување на соработката со искусниот тренер од Шпанија.

Иако не го освоија Купот на Унгарија и не се пласираа на фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите, ракометарите на ПИК Сегед направија вистинска сензација во домашниот шампионат освојувајќи ја шампионската титула за оваа сезона.

Хуан Карлос Пастор го предводи ПИК Сегед од 2013 година и со унгарскиот клуб имаше и подеми, но и падови. Неговиот тим и следната сезона ќе биде дел од Лигата на шампионите.

Освен продолжување на договорот со Хуан Карлос Пастор, ПИК Сегед ги продолжи договорите на плус една година и со лицата од стручниот штаб на тимот, Марко Кривокапиќ, Ненад Дамјановиќ и Ѓорѓе Игњатовиќ.