Гошевски даде 13 гола, Голден Арт запиша триумф над Јуниор КВ

По поразот од Вардар во Неготино, тимот на Голден Арт ја забележа првата победа во разигрувањето за опстанок во суперлигашкото друштво. Избраниците на Никола Матлиески славеа против Јуниор КВ со 30-25, но мораа да се испотат добро, бидејќи гостите во одредени делови од мечот успеваа да парираат. Предводник на домашниот напад беше десниот бек Дејан Гошевски кој реализираше дури 13 пати.

По почетните 2-2, Миланов, Гошевски и Гучески донесоа 5-2 за Голден Арт, но гостите за момент заиграа подобро во нападот и намалија на 7-6. Во продолжение одново пад во играта на Јуниор КВ, што го искористи Голден Арт да стигне и до плус пет, 14-9.

На двете страни имаше уште по еден гол од Печенковски и Милошески за 15-10 на крајот од првиот дел, резултат со кој се отиде на пауза.

Во второто полувреме ново лице на гостинските ракометари, кои во повеќе наврати успеаваа да намалат на минус два, 17-15, 19-17, имаа и шанси за минус еден, но кога требаше да го направат завршниот чекор, не можеа.

Неколку одбранети удари на Бардакоски завршуваа одново во рацете на ракометарите на Голден Арт, кои погодуваа и одново беа на плус четири во последните десетина минути од мечот, 26-22.

Симоноски и Димевски со головите за 26-24 за момент успеаја да го направат финишот поинтересен, но кога Голден Арт се врати на безбедни плус пет, 29-24, веќе немаше дилеми околу победникот на овој натпревар.

Покрај Гошевски со 13 гола, во тимот на Голден Арт шест гола даде Симон Гучески, а по четири пати погодија Мице Шилегов и Марио Миланов, додека кај Јуниор КВ се истакна Дарио Симоноски со осум погодоци.