Гоце Георгиевски се врати во Македонија – неделава потпишува за скопски клуб

Откако беше избран во Олстар тимот на сезоната во првенството на Романија, македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски се врати дома, во Македонија. Тој ќе ја продолжи низата на македонски интернационалци што решија да се вратат во македонското првенство пред стартот на новата сезона. Репрезентативното десно крило има уште една година од договорот со романскиот ЧСМ Букурешт, но повеќе од сигурно ќе си замине.

Георгиевски е веќе во својот дом во Скопје, каде е на „мака“ да реши каде ќе игра следната сезона. Покрај во женската, финансиски проблеми има и во машката екипа на ЧСМ, па Георгиевски веќе ги разгледува понудите за камбек во Македонија. Такви има и од Вардар и од Металург кои ги потврди во разговор за 24ракомет.

Сепак се чини дека десното крило е блиску до дресот на двојниот европски првак – Вардар. Георгиевски веќе неколкупати разговарал со Михајло Михајловски, новиот претседател на “црвено-црните“ за трансфер во европскиот шампион. И тренерот Стевче Алушовски најави дека сака да го види Георгиевски во својот тим. Деновиве треба да има уште една средба, на која треба да бидат дефинирани условите и официјално да се обзнани неговиот трансфер.

Откако стана јасно дека Ненад Костески нема да дојде во „црвено-црниот“ тим, Вардар е во потрага по партнер на Иван Чупиќ, а триото би требало да го комплетира младиот Ален Ќосевски. Идејата на Вардар била Чупиќ сезонава да биде најискусниот, а Костески да учи и веќе следната да биде прво десно крило. Но, сега се менува ситуацијата и Георгиевски веројатно ќе добие повеќегодишен договор.

Георгиевски има конкретна понуда и од Металург, но таа засега е „втора опција“ со оглед на тоа што тој има ненаплатени побарувања од пред неколку сезони кога настапуваше за тимот од Автокоманда. Со оглед на тоа што сега има најави за надминување на беспарицата, Георгиевски сака „сигурна опција“.

Претходно Вардар ги потврди трансферите на голманот Робин Кантегрел, левиот бек Дмитри Санталов и десниот бек Томислав Јагуриновски. Потрагата по засилувања на средната и десната бековска позиција продолжува понатаму.