„Господин позајмица“ – Пачковски од Веспрем во Мешков Брест

Полскиот ракометар Павел Пачковски кој е играч на Келце веќе трета година не настапува во клубот. Тој оваа сезона е позајмен во Веспрем, а иако не игра во шампионот на Полска, Пачковски го продолжи договорот до 2024 година.

Како што потврди и претседателот на Келце, Бертус Сервас договорот кој важеше до летото 2021 година е продолжен за уште три години. Сепак и понатаму Пачковски нема да игра во Келце, туку се очекува наредната сезона повторно да биде пратен на позајмица, овој пат во Мешков Брест.

Пачковски ја чека својата шанса во Веспрем после опоравувањето од повредата на коленото. 26-годишниот десен бек може да се надева на место во тимот откако се повредија Омар Јахија и Кент Робин Тонесен, досега тој имаше настапи само во СЕХА лигата и домашното првенство, додека сè уште ја чека својата шанса во Лигата на Шампионите.

Пачковски е член на Келце од 2014 година, но поголемиот дел од договорот е на позајмица. Откако пристигна играше две сезони, а потоа беше на позајмица во Данкерк, Мотор Запорожје и Веспрем.