Горбок може да ја заврши кариерата: Се уште не кажувам крај, но мотивација за играње веќе немам!

Новото раководство на европскиот првак Вардар не смета на услугите на рускиот лев бек Сергеј Горбок, кој мина две сезони во „црвено-црниот“ тим.

Откако се врати од унгарскиот ПИК Сегед, Горбок имаше долга пауза, а враќањето на теренот и враќањето во форма, одеше потешко по очекувањата.

Тој размислува за крај на кариерата, но не ја исклучува можноста да игра и понатаму.

„Имам понуди, но блиску сум да решам да ја завршам кариерата. Сакам да останам со семејството. Ако гледаме на ситуација од спортски аспект, тогаш душата ми е на место. Јасно е дека многу направив досега, иако не ја исполнив главната желба да играм на Олимпијада. Сакам да си заминам на убав и мирен начин – во стил на голем играч. Покрај тоа веќе имам и некои понуди да се ангажирам како тренер, но не брзам. Треба да ги завршам „Мастер Коуч“ модулите. На лето планираме да одиме во Белорусија и да решиме некои деловни прашања во Русија, но не сакаме да губиме време по карантини. Да сумирам, јас се уште не означувам крај на кариерата, и оставам простор да се случи нешто специјално. Но искрено, веќе не чувствувам мотивација да играм во иднина…“, вели Горбок за „Брз Центар“.

Тој освои една титула со Вардар во Лигата на шампионите, како и две титули во регионалната СЕХА лига.