Горбок: Жално е се што се работеше во Вардар да биде „фрлено во вода“!

Ракометарите на Вардар, како и сите други спортисти во време на борбата со коронавирусот, тренираат дома.

Нема најава кога ќе бидат продолжени натпревари на домашна сцена, а за европските дуели ќе се знае најдоцна до 15 мај дали Вардар ќе игра со ПИК Сегед или ќе биде елиминиран, но не на теренот.

Рускиот репрезентативец Сергеј Горбок за „Брз Центар“ ја пренесува состојбата за време на коронавирусот во Скопје.

„Ние живееме блиску еден до друг. Порано имаше можност за заедничка дружба, но сега зборуваме преку балконите. Контактите се минимизирани, да не ги доведеме нашите семејства во опасност. Колку повеќе ги почитуваме препораките, толку побрзо ќе исчезне вирусот. Се допишуваме секојдневно во група. Клупските проблеми не се решени, само сега се во втор план. Најважно е здравјето“, е првиот рапорт на Горбок од Скопје за рускиот „Брз Центар“.

Тој смета дека нема да има натпревари од македонската Суперлига, ниту во европските купови.

„Согласно последните одлуки на Владата, нема да има спортски активности до крајот на мај, а нема да биде можно ниту да се тренира. Според пропозициите, Вардар и Еурофарм Пелистер треба(ше) да се приклучат на лигата во плеј-офот. Но како одминува времето, не гледам смисла да се продолжува шампионатот. Сите ќе бидат надвор од форма, а ќе треба за кратко време да се играат многу натпревари. Тоа може да предизвика повреди кај играчите, па јас мислам дека сезоната е завршена. Исто така одлуката на ЕХФ да се игра во јуни е малку глупава. Зборуваме за професионален спорт, што мора да исполни највисоки барања – нашите, на спонзорите и на гледачите. Но професионалните спортисти не можат да се подготвуваат дома два месеци! Потоа ќе ни треба уште месец дена да се вратиме во форма. Да се почне веднаш со натпревари е кршење на сите професионални стандарди. Многу интереси се измешани во оваа ситуација“, вели Горбок.

Русинот исто како и сите други ракометари, ја очекува одлуката на раководството на тимот за тоа како ќе изгледа Вардар во следната сезона и кога ќе биде исплатени заостанатите плати.

„Ние чекаме да се решат проблеми толку долго, па подготвени сме да чекаме уште, бидејќи ја разбираме сложената ситуација. А основа на тоа наше верување – дека се ќе заврши добро е довербата кон сопственикот Сергеј Самсоненко. Но повеќе отколку за долговите, ние сме загрижени за иднината на Вардар. Како ќе изгледа во следниот период. Жално ќе биде тоа што се работеше во претходните години, сега да биде „фрлено во вода“. Ни ветија одговори во април или, но сега и тоа „виси“. Сезонава е многу тешка, и на крајот можеме да бидеме горди. Убеден сум дека ако нешто правиш со чесни намери, на крајот треба да бидеш награден“, продолжува Горбок.

Левиот бек размислува и за крај на кариерата, но остава и простор да продолжи со активно играње.

„Размислував да не ја почнувам следната сезона. Од една страна зачестија повредите, од друга страна имам понуди. Но искрено, не сакам да се разделувам од семејството, а за продолжување на договорот со вардар, со никој не сум разговарал, па не сакам да прогнозирам. Има опција да ја завршам кариерата, но се ќе зависи од мојата мотивација на лето“, завршува Горбок.

Рускиот лев бек ја минува втората сезона по камбекот во Скопје, а неговиот договор завршува на 30 јуни.