Ivan MARTINOVIC (51) during the IHF Tokyo Handball qualification tournament, Croatia vs Tunisia, Montpelier, France, 14.03.2021, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Голем пех за Мелсунген и Хрватска – Мартиновиќ мора на операција!

Еден од носителите на хрватската репрезентација, десниот бек Иван Мартиновиќ поради повреда ќе го пропушти остатокот од вториот дел од сезоната.

Хрватот, кој е член на бундеслигашот Мелсунген, ќе мора да направи операција на скочниот зглоб и најверојатно неговиот камбек на терените ќе биде дури на лето.

Мартиновиќ повредата ја заработи во есенскиот дел од сезоната, односно во месец ноември, но не паузираше долг временски период и настапи на Светското првенство во Полска и Шведска.

„Во професионалниот спорт едноставно треба да се биде свесен дека може да се случат повреди, кои понекогаш ве принудуваат на долга пауза. По операцијата, совесно ќе ги спроведам сите неопходни мерки за да се вратам со нови сили. Да знаев дека вака ќе биде, немаше да играм на Светското првенство”, изјави Мартиновиќ.

Новиот селектор на Хрватска, Горан Перковац за останатите натпревари од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 нема да може да смета на Мартиновиќ, кој на првите два дуели, против Грција и Белгија, постигна вкупно 11 погодоци.

Хрватска во квалификациите за континенталниот собир во Германија ќе игра и против селекцијата на Холандија.