Голден Арт не виде мака со Јуниор КВ, пренесува 3 бода во плеј-аут

Во рамки од претпоследното коло од Суперлигата по вторпат сезонава се судрија двајцата повратници во македонската елита, екипите на Јуниор КВ и Голден Арт, а на победа се радуваше Голден Арт, со резултат 28:20. Во спортската сала при ОУ ,,Круме Кепески” во Кисела Вода, гостинскиот тим уште во првите 15 минути ја оправда фаворитската улога и си замина со планираните три бода.

Воведниот дел започна со цврста одбрана на двете страни и голема борба за секоја топка. По нерешените 2:2, следуваше одлична серија на избраниците на Матлиески, кои со четири гола во низа, се одлепија на 6:2. Јуниор КВ веќе осум минути беше без постигнат гол, а кризниот период во домашниот табор го прекина Николов за намалување на негативата на ,,минус три” 6:3.

Домашниот тим во желбата да ја преполови разликата, сѐ почесто грешеше во нападите, додека гостите имаа поголем фокус во организацијата на играта. Голден Арт не дозволи домаќините да фатат приклучок, направи одлична серија од 5:0 и веќе во 20 минута ги имаше највисоките ,,плус осум” и водство од 11:3. Ракометарите на Голден Арт беа сигурни во нападите, не дозволија опуштање во своите редови и на полувреме имаа предност од осум гола разлика, 15:7.

Во продолжението гостинот продолжи со исто темпо, ги користеше грешките на противникот и за неколку минути игра дојде до двоцифрена разлика од 19:9. Како одминуваше времето се чувствуваше и заморот кај тимот на Јуниор КВ, кој не можеше да направи нешто повеќе против мотивираните гости. Во 45 минита резултатот беше 25:13 за ракометарите на Матлиески и во последниот период од натпреварот домаќинот само го ублажи поразот.

Победничката екипа беше предводена од Дејан Гошевски со шест погодоци, додека Ивица Илиев и Христијан Милошески имаа по пет реализации. Кај Јуниор КВ се истакна Никола Матовиќ со шест гола.

Голден Арт во последното коло од регуларниот дел ќе игра против тимот на Тиквеш, додека Јуниор КВ ќе гостува во Битола кај вториот тим на Еурофарм Пелистер. И двете екипи ќе играат во плеј-аут фазата, а екипата на Голден Арт ќе пренесе максимален број на бодови (3) бидејќи е најдобропласиран тим во групата А од екипите кои ќе играат за опстанок во македонската елита.