Германците ветија високи премии: Златниот медал на „панцирите“ им носи 400.000 евра!

Ракометната федерација на Германија ги објави премиите кои би ги добил нивниот национален тим во однос на пласманот кој ќе го забележи на Мундијалот во Полска и Швеска.

Доколку Германците се искачат на светскиот ракометен врв ќе добијат 400.000 евра премија, евентуалниот сребрен медал ќе им донесе 300.000 евра, додека пак бронзата 200.000 евра.

Но, и доколку „панцирите“ не успеат да се пласираат меѓу најдобрите три репрезентации на Мундијалот следуваат поскромни награди.

Четвртото место ќе им донесе награда од 100.000 евра, а пласманот од петтото до осмото место кој носи квалификации за Олимписките игри ќе биде награден со 40.000 евра.

Германија со победа над Катар од 31-27 го отвори Мундијалот во Полска и Шведска, а веќе денес го игра еден од најзначајните натпревари на првенството, против селекцијата на Србија.

Германија за последен пат го освои Светското првенство пред цели 16 години, односно во 2007 година на кое беа домаќини.