Георгиевски: Чест и предизвик е да се игра за европскиот шампион Вардар!

Европскиот шампион Вардар денеска донесе уште еден македонски репрезентативец во својот ростер за новата сезона.

Десното крило Гоце Георгиевски се враќа во татковината по настапите за францускиот Тулуз и романскиот ЧСМ Букурешт, откако потпиша договор на две години со „црвено-црниот“ тим.

Во игра беше и тимот на Металург, но десното крило се реши за Вардар.

„Имав подобра понуда од Вардар. Како што сите знаат, Вардар е европски шампион, тоа е голем предизвик и чест. Иако може тоа и да носи притисток, сепак беше пресудно покрај подобрата понуда, да го одберам Вардар пред Металург“, вели Георгиевски за 24Ракомет.

Претходно Филип Талески и Томислав Јагуриновски потпишаа договор на една година со Вардар, а Георгиевски е третиот екс член на Металург што ќе игра за „црвено-црниот“ тим во новата сезона.

„Јас не сум ниту првиот, ниту последниот што играл за Металург, а сега ќе игра за Вардар, па не размислувам многу за тој факт и се надевам дека навивачите ќе ме прифатат“, продолжува Георгиевски.

Вардар склопува конкурентен состав за Европа за новата сезона, а Георгиевски вели дека со уште неколку засилувања ќе може да конкурира и за највисок пласман.

„Вардар се уште е актуелен шампион и секогаш има високи цели. Ростерот е респектибилен, треба да се донесат уште неколку засилувања да се донесат, за да може да конкурира за висок пласман. Како што кажа сопственикот Михајловски, главната цел ќе биде четвртфиналето во ЛШ, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, заврши Георгиевски.

Ривалите во групната фаза од Лигата на шампионите, Вардар ќе ги добие на 1 јули, а претходно до 19 јуни ќе бидат познати и можните ривали.